Во Прилеп доделени нови 60-тина решенија за легализирање на дивоградби и решенија за откуп на дворни места

Прилеп и натаму продолжува да го носи епитетот лидер во легализацијата на дивоизградените објекти. Денеска во големата сала во зградата на локалната самоуправа беа доделени нови 60-тина решенија за легализација на дивоградби. До овој момент во Прилеп легализирани се над 9.000 дивоизградени објекти.

„Традиционално на крајот од работната недела Општина Прилеп ги доделува решенијата за легализирање на дивоградбите. Сега ќе бидат доделени 60-ина решенија за легализација. Ние и понатаму како град сме лидери во Македонија при спроведувањето на ова законско решение. Над 9.000 објекти се легализирани во нашиот град, а сето тоа локалната самоуправа го прави заедно со приватните катастри за да што побрзо се заврши овој процес. Легализацијата ќе продолжи со несмален интензитет се додека не се легализира и последниот објект кој ги исполнува законските услови за легализација“, истакна Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Реализацијата на проектот во 2016 година во Општина Прилеп беше над 60 проценти кога во декември истече крајниот рок за поднесување на елаборатите за барањата поднесени во 2011 година, како едни од најглавните документи за решавањето на овие предмети. Краен рок пак за поднесувањето на елаборатите за барањата поднесени во 2016 година е крајот на оваа година.

Со легализацијата опфатени се барањата на граѓаните поднесени во 2011 година како и дел од барањата кои се однесуваат на 2016 година од продолжениот рок. Во 2011 година беа поднесени 15.367 барања за легализација, а во 2016 година 3.077 барања.

До крајот на законскиот рок се очекува реализацијата на проектот да биде околу 80 отсто и да бидат решени околу 14.800 барања на граѓаните. Успешната реализација на овој проект се должи пред се на добрата организација на секторот за урбанизам во Општина Прилеп и брзата изработка на елаборатите од страна на приватните катастри.

Инаку денеска во Општина Прилеп беа доделени и решенија за стекнување на сопственост на градежно земјиште врз основа на договор со поранешен сопственик и се доделуваат договори за откуп на градежно земјиште, oдносно граѓаните имаат можност да се стекнат со сопственост на дворните места. Следствено на легализацијата на објектите граѓаните се стекнуваат и со правен основ да станат сопственици на нивните дворни места.