Во Прилеп поделени нови 1.350 корпи за селекција на отпад

Јавното омунално претпријатие „Комуналец“ од Прилеп започна во неделата со делење нови 1.350 корпи за селекција на отпад кои ќе бидат распределени во населбата Варош, а со имплементацијата на овој проект Прилеп е лидер не само во Македонија туку и на Балканот кој успеа да ја примени примарната селекција на отпадот.

Досега се поделени 15.500 вакви корпи и опфатени се околу 65% од домаќинствата во градот. Исто така поставени се 1.200 контејнери на околу 400 места на јавно прометни површини и пред стамбени компкекси. За оваа намена ЈКП „Комуналец“ од Прилеп има инвестирано околу 19 милиони денари.

„Продолжуваме со имплементација на проектот за примарна селекција на отпадот, кој е од обострано значење како за граѓаните така и за „Комуналец“. Моментално со овие корпи кои се околу 1.350 парчиња го затвораме реонот на населбата Варош и потоа ќе делиме корпи во населбата Тризла. Се надеваме дека до Нова година 100 отсто ќе биде завршена примарната селекција во Прилеп, заедно со руралните средини. Потребно е да поделиме уште околу 7.000 вакви корпи во населбите Тризла 1, Тризла 2 и населените места“, рече Златко Ристески, директор на ЈКП „Комуналец“ Прилеп.

Корпите за отпад се со жолта и зелена боја, во зелената канта се селектира биоразградливиот отпад, додека во жолтата се одлага ПЕТ амбалажата, најлонот, хартијата, картон, стакло и целиот отпад од било кој амбалажен производ.

Од ЈКП „Комуналец“ – Прилеп велат дека иако ова е најевтин модел за имплементирање во инвестициониот дел, ваквиот модел на селекција е најтежок од организационен аспект. Досега ЈКП „Комуналец“ – Прилеп покажал одлични резултати заедно со граѓаните и стопанството во примарното селектирање. Овој модел со партиципација на сите инволвирани во управување на отпадот е во интерес на сите прилепчани.

„Со несмалено темпо продолжува акцијата на ЈКП „Комуналец“ за имплементирање на примарната селекција. Ќе бидеме прва Општина во Македонија која ќе ја заврши комплетно примарната селекција. Со поделбата на овие корпи ќе се олесни самата селекција на отпад во домаќинствата, како и самата работа на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп. А тоа секако ќе овозможи и подобрување на животната средина. Инаку во тек е и изградбата на фабриката за секундарна селекција на отпад кај депонијата Алинци, така што Прилеп продолжува да биде предводник во третманот на отпад на ниво на Македонија. Вкупната вредост на целиот овој проект за примарна селекција на отпадот изнесува околу 19 милиони денари, средства обезбедени од ЈКП „Комуналец“, а до крајот на акцијата проектот ќе чини околу 25 милиони денари“, рече Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Граѓаните се задоволни од проектот за селекција на отпадот бидејќи велат дека со тоа значително се заштитува животната средина.

„Ние сме многу благодарни до Општина Прилеп и ЈКП „Комуналец“ за спроведувањето на овој проект. Со овие инвестиции нашата населба станува се поурбанизирана и ги добива сите потребни работи за селекција на отпадот. Ние и досега го селектиравме отпадот, а сега со овие корпи ќе биде уште подобро и ќе се заштити животната средина“, рекоа жителите од населбата Варош кои ги добија новите корпи за отпад.

Освен на имплементацијата на примарната селекција интензивно се работи и на изградбата на фабриката за секундарна селекција на отпад која е лоцирана до депонијата Алинци. Линијата ќе биде со капацитет за преработка на 150 тони отпад во текот на 24 часа. Во општина Прилеп во просек се собираат околу 90 до 100 тони отпад дневно. Остатокот за потребите на линијата ќе се надополнуваат со селекција на отпадот од депонијата Алинци која ќе се преработува за да може да се изврши рекултивација на просторот каде таа сега се наоѓа и се очекува за 5 до 6 години таа комплетно да биде преработена. Оваа инвестиција е вредна околу 60 милиони денари. Претходно „Комуналец“ купи и приватно земјиште до депонијата, каде моментално се гради оваа фабрика.

Деновиве ЈКП „Комуналец“ од Прилеп најави дека ќе гради и компостара со средства обезбедени од ИПА програмата од третата компонента за прекугранична соработка. Овој грант за изградба на компостарата изнесува 10.675.000 денари и опфаќа чистење, тампонирање, набивање на плато и набавка на машини за компостарата. Компостарата ќе биде изградена кај депонијата Алинци, веднаш до фабриката за секундарна селекција на отпадот која моментално се гради со интензивно темпо.

Со овие проекти „Комуналец“ планирал да докаже дека со сопствени средства и со планирање на количини и инвестиции може да се управува отпадот со најниска такса за ѓубретарина. Исто така во иднина било планирано да се гради и Регионална депонија во Пелагонискиот плански регион, каде ЈКП „Комуналец“ – Прилеп со сите овие инвестиции ќе депонира само мал процент на отпад, а со тоа ќе се избегнеле и таксите за депонирање по тон.