Во Прилеп реновирано училиштето „Круме Волнароски“

Градоначалникот на општина Прилеп  Марјан Ристески, генералот потполковник Горанчо Котески, началник на Генералштаб на АРМ и полковникот Томас Батлер, воено аташе при Амбасадата на САД, присуствуваа на свеченоста по повод означување на завршетокот на градежните активности околу комплетната реконструкција на подрачното основно училиште Круме Волнароски Беровци.

Со реализираниот проект, направена е промена на подовите, поставена е нова столарија, нова електрична мрежа, извршено е молерисување на ѕидовите, променета е кровната конструкција и изработена е нова фасада на училишната зграда.

Реализацијата на овој проект е во рамките на проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието во соработка со општина Прилеп.

-Процесот на реновирање, финансиски поддржан од Владата на САД преку Европската команда на американската војска, ја покажа моќта на заедничка работа преку ангажирање на сите членови на заедницата во реализација на самиот процес, истакна полковникот Томас Батлер, при военото аташе при Амбасадата на САД во Скопје.

За реализација на овој проект инвестирани се средства во висина од два милиони денари од кои еден милион и двеста илјади денари се средства обезбедени преку проектот на УСАИД, а остатокот од средствата се од општина Прилеп.

Градоначалникот Ристески истакна дека со овој проект ќе се подобрат условите за следење на наставата и најави дека општина Прилеп и во иднина ќе продолжи со инвестициите во образованието.