Во Пробиштип годинава три милиони евра инвестирани во инфраструктурни проекти

Владата и локалната самоуправа во општина Пробиштип. годинава во инфраструктуени проекти инвестираа три милиони евра. Дел од проектите се завршени, дел се во градба, а дел ќе бидат реализирани до крајот на годината.

Увид во некои од проектите денеска изврши лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во рамки на посетата на општина Пробиштип, придружуван од градоначалникот Тони Тоневски и претставници од повеќе владини сектори.

probistip4-640x413

Груевски се запозна со работите на санацијата на свлечиштето на регионалниот пат Пробиштип – Крупиште. Станува збор за инвестиција вредна 250 илјади евра со која, како што информира градоначалникот Тоневски, целосно ќе се реши проблемот на овој дел од патот. Работите се почнати пред два месеца, а треба да бидат завршени до ноември годинава.

probistip

Санацијата на свлечиштето е дел од проектот за санација и реконструкција на патишта, мостови и други инфраструктурни објекти кои беа оштетени за време на поплавите во 2015 година, а кои ќе се финансираат со 10 милиони евра од ЕУ.

– Минатата година имавме поплави во државата кои беа најголеми во последните 40 години. Владата излезе многу во пресрет на граѓаните особено на земјоделците во обесштетување и тоа стопроцентно. Но истовремено се обративме до ЕУ и побаравме помош во делот на инфраструктурата бидејќи освен земјоделците и индивидуални куќи на граѓаните, имаше оштетувања и на инфраструктурата. Од Брисел ни беа одобрени 10 милиони евра и работата на ова свлечиште е финансирана токму од тие средства, рече Груевски.

probistip3

Од овие средства, три милиони се определени за иригациски системи. Со нив, како што информира заменик министерот за земјоделство Ванчо Костадиновски, ќе бидат реализирани уште неколку значајни проекти меѓу кои, целосно уредување на сливот на реката Црна во износ од 3,1 милион евра, уредување на сливот на реката Струма во струмичкиот регион, како и санација на неколку брани.

Груевски ја посети и населбата Камењар каде по извршената легализација на дивоозградените објекти, во тек е изградба на улици во должина од 4.000 метри, ивнестиција од 27 милиони денари средства на општината, а предвидена е изградба на едно детско игралиште и на едно игралиште за кошарка.

– Со Законот што Владата го донесе за легализација на дивоградби 280 нелегални куќи се легализираат, тоа се 280 семејства кои во минатото имале дивоградби, не знаеле кога можат да им бидат урнати, не можеле да ги употребат за кредит и да ги стават во залог, не можел некој да ги наследи или да ги доградат и надградат зашто сето тоа било нелегално. Денеска тоа е возможно, нивните куќи се легализирани и сега влегуваат во нова фаза, а тоа е урбанистичко уредување и градоначалникот е во можност да инвестира општински средства и да го оплемени просторот. Така што околу 500 илјади евра се инвестираат во моментот на градба на поголем број улици кои ќе го подобрат квалитетот на живеење на граѓаните од населбата, нагласи Груевски.

На средбите со граѓаните во населбата, Груевски беше запознаен со лични или општи барања на локални жители. Меѓу другото, дел од граѓаните сакаа да знаат кога ќе им бидат исплатени заостанатите плати од претходниот сопственик на рудникот Злетово, „Индоминерали и метали“. Во таа прилика градоначалникот на Пробиштип Тоневски информира дека три плати солидарно ќе им бидат исплатени на почетокот од август годинава.

probistip6

Груевски изрази задоволство што новиот сопственик на рудниците Злетово и Саса на крајот на август треба да го рестартира рудникот во Злетово, а во септември или октомври и  рудникот Тораница каде што се очекува да се вратат на работа оние кои претходно ја изгубија работата во рудниците.

Граѓаните побараа и изградба на пат до црквата во должина од околу два километра при што беше договорено Владата и општината заеднички да го изградат патот во 2017 година.

probistip2

Во центарот на Пробиштип лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изврши увид и во реконструкција на градскиот парк и плоштад за што ќе бидат вложени 22 милиона денари обезбедени  од  Владата преку Агенцијата за поддршка на рурален развој.

Тоневски информира дека со владини средства, покрај плоштадот е изграден и водовод во село Ратавици, кој е целосно завршен и пуштен во употреба, а подобрени се и туристичките капацитети на Лесново со изградба на неколку летниковци и осветлување на пешачките патеки до манастирот. Изграден е и нов мост меѓу селата Ратавица и Бунеш откако стариот бил урнат во поплавите минатата година. Мостот треба да биде завршен за кратко време и пуштен во употреба.

Груевски потсети дека во Општина Пробиштип Владата директно инвестираше во едно двојно тениско игралиште, едно повеќенаменско игралиште, како и во други проекти за подобрување на животот на жителите во градот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.