Во првата недела од 2014-та 366 лица заболени од грип

Во Македонија во текот на првата недела од 2014 година бројот на заболени лица од грип изнесува 366, што во споредба со 143-те лица регистрирани во првата недела од минатата сезона се бележи зголемување за 2,6 пати, велат од Институтот за јавно здравје.

Во однос на просечниот број заболени за оваа прва недела во изминатиот 10-годишен период (1.172), се регистрираат 3,2 пати помалку заболени лица.

Вкупниот број на заболени од грип во Македонија од почетокот на сезоната 2013/2014 (40 недела, 2013) заклучно со првата недела 2014, изнесува 1.343 лица. Во овој период нема регистрирани смртни случаи асоцирани со инфекции со вирусот на грип.

Во споредба со истиот период минатата година (740), постои зголемување на вкупниот број заболени лица за 81,5 отсто, а во однос на просекот за 10-годишниот период (1.423) се регистрира намалување на бројот на заболени во оваа сезона за 5,6 отсто.

Евиденцијата на заболените од грип по месеци укажува дека во декември пријавени се најголем број случаи со симптоми на грип (606 случаи или 45,1 отсто, додека само во првата недела од јануари 2014 година, пријавените 366 случаи чинат 27,3 отсто од вкупниот број заболени во целата сезона 2013/2014.

Според Секторот за контрола и превенција на заразни заболувања при Институтот за јавно здравје, најголем број заболени лица (324) се регистрирани на територијата на општина Куманово.

Во сезоната 2013/2014 најголем број заболени лица од грип се пријавени во возрасната група од 15-64 години (770).

Во текот на првата недела од 2014, како што велат од Институтот за јавно здравје, пристигнати се три материјали за тестирање во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ и трите се негативни. Од почетокот на сезоната 2013/2014, во оваа лабораторија се пристигнати вкупно 26 хумани материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти, од кои 6 или 23,1 отсто биле позитивни на вирусот на инфлуенца А/Х1.

Бројот на пријавени случаи на грип и заболувања слични на грип во Македонија бележи континуиран пораст и, како што посочуваат од Институтот за јавно здравје, се очекува овој тренд на пораст на активноста на вирусот на грип да се одржува во наредните недели и месеци

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.