Во првата недела од месецов 37.000 бегалци влегле во Германија

Триесет и седум илјади бегалци влегле во Германија само во првите осум дена од месецов, изјави денес вицеканцеларот Зигмар Габриел.

Габриел, во својот говор пред Бундестагот, прогнозира дека бројот на бегалци до крајот на месецов може да надмине 100.000 лица.

Германија регистрирала 450.000 бегалци од почетокот на годинава до пред два дена. Само минатиот месец биле запишани 105.000 луѓе.

Оваа година Германија очекува 800.000 кандидати за азил, што е четири пати повеќе од лани и рекорд за една година во Европа

Автомобил налета на бегалци во Унгарија

Едно лице е во животна опасност, а другo е тешко повреденo откако синоќа во околината на Реска во Унгарија, патнички автомобил налета на бегалци, соопшти унгарската полиција.

До несреќата дошло синоќа кратко пред полноќ, кога патнички автомобил налетал на три лица од групата бегалци кои пеш се движеле во правец на Сегедин, се наведува во соопштението.

Повредените биле згрижени од медицинската екипа, а другите бегалци избегале од местото на настанот. Полицијата работи на расветлување на случајот.

Бегалци пред Меѓународната железничка станица во Будимпешта, фото: Ројтерс

Како што наведува унгарската телевизија М1, а пренесува Танјуг, и во текот на ноќта на српско – унгарската граница пристигале автобуси од правец на Суботица, а процената е дека само во текот на изминатата ноќ, границата помеѓу двете земји ја преминале повеќе стотици бегалци.

Сите тие се пренасочуваат кон собирниот центар, што утрово беше речиси празен, откако во текот на ноќта бегалците со автобуси биле пренесени кон прифатните центри.

Рекорден број мигранти во Унгарија

На подрачјето на пограничната жупанија Чоноград, според податоците на унгарската полиција, вкупно 3.011 лица илегално ја преминале границата помеѓу Србија и Унгарија, а меѓу нив имало 661 дете.

Најголемиот број бегалци е регистриран во околината на Реска, а меѓу нив најмногу имало од Сирија, Авганистан и Пакистан.

Рекорден број мигранти во Унгарија

На територијата на цела Унгарија вчера бил регистриран вкупно 3.321 илегален премин на границата, а против 20 лица, меѓу кои имало и државјани на Србија, покрената е постапка за криумчарење луѓе, како и три постапки за фалсификување документи.