Во првата половина од годинава државата ќе се задолжи 12 пати

Министерството за финансии планира во првите шест месеци од штотуку започнатата 2018 година дванаесет пати да се задолжи на домашниот пазар преку издавање државни хартии од вредност.

Тоа значи дека двапати во секој од месеците во првата половина од годинава се предвидени аукции на државни записи и државни обврзници, покажува календарот на задолжувања за 2018 година.

Владата на последната седница на крајот на минатата година одлучи дека преку издавање на домашни хартии од вредност ќе може да се задолжи за речиси 90 милиони евра повеќе отколку што треба да врати во текот на идната година како резултат на претходни позајмици.

На 9-ти јануари државата првпат ќе се задолжи на домашниот пазар за 2018 година. Министерството за финансии го објави календарот на задолжувања за тековната година. Според динамиката на задолжување, секој месец се предвидени по две аукции кај домашните банки и осигурителните друштва. Претходната власт се задолжуваше по четирипати месечно. За шест месеци тоа се 12 аукции. Станува збор за заеми со кои претежно ќе се враќаат стари долгови. На првата аукција за годинава државата треба да врати приближно 40 милиони евра, а ден подоцна, на 10 јануари, 33 милиони евра.

Во 2018 година државата треба да врати 370 милиони евра. Од нив, 200 милиони евра – дома и 170 милиони евра во странство. Министерот за финансии, Драган Тевдовски, при носењето на буџетот во Собранието истакна дека во 2018 година од заеми ќе се обезбедат 665 милиони евра.

Буџетскиот дефицит годинава треба да достигне приближно 296 милиони евра. Јавниот долг заклучно со септември изнесуваше 4,7 милијарди евра или 45,8 отсто од вредноста на домашниот бруто-производ. Не е отфрлена и можноста за нова евроообврзница, односно за задолжување на странскиот пазар.