Во првите 11 месеци извезени стоки в о вредност од 4,5 милијарди долари

Македонија останува меѓу ретките земји чиј извоз во време на глобална економска нестабилност, континуирано расте. Последните податоци на Државниот завод за статистика за првите 11 месеци од минатата година, покажуваат дека од Македонија извезени се стоки во вредност од 4,542 милијарди американски долари, што е за 17,7% повеќе споредено со првите 11 месеци во 2013-та година. Истовремено, увезени се стоки во вредност од 6,652 милијарди долари, што претставува зголемување од 11,1%, пишува Лидер.

Вкупната трговска размена на Македонија со странство од јануари до ноември 2014-та година изнесува 11,193 милијарди долари и е за 13,8% поголема споредено со истиот период претходната година. Покриеноста на увозот со извоз е 68,3 отсто, а трговскиот дефицит изнесува 2,109 милијарди долари.

Податоците покажува дека најголемо учество во извозот имаат фабриките од зоните – кои извезуваат катализатори на носачи на благородни метали и нивните соедниненија, како и фероникеллот, сетови на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, производите од железо и челик (валани производи) и облеката.

Најмногу стоки, 76,9%, се извезени во земјите- членки на ЕУ, а после нив следуваат земјите од Западен Балкан со 13,9%. Македонија во 11-те месеци од минатата година најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија со кои е остварена 51,9% од вкупната надворешно-трговска размена.

-Извозот е зголемен, најголемиот дел од трговската размена е со земјите од ЕУ. Нарачките се обезбедени, нема откажувања ниту некои посериозни најави за некоја криза во наредниот период што е добро и што влева одредена сигурност кај компаниите во Република Македонија, вели претседателката на Сојузот на стопански комори (ССК), Данела Арсовска.

Странските инвеститори- водечки извозници

Странските компании во земјава го билдаат извозот, а компанијата „Џонсон Мети“ ја профилираше Велика Британија како втор најголем трговски партнер на земјава. Воедно, „Џонсон Мети“ е компанијата која минатата година остварила најголем извоз од индустриските зони. Катализаторите кои ги произведува во Бунарџик се водечки извозен производ, а според очекувања истите и годинава ќе бидат носечки извозен производ на земјава.

Статистиката го регистрира овој тренд уште од 2011-та година, откако компанијата и официјално почна со работа. Истовремено меѓу најувезуваните стоки е платината, која се користи во производството на катализатори.

Во изминатата година достигнат е планираниот извоз од слободните трговски зони со остварени една милијарда и 170 милиони евра, додека за 2015 година проекциите се дека извозот ќе се зголеми за 10 до 15 проценти.

-Странските инвеститори во слободните економски зони даваат огромен придонес во извозот на македонските производи, особено во делот на производство на елементи што се вградуваат во финалните производи, објаснува бизнисменот Сеад Кочан.

Германија останува главен трговски партнер

Германија е најстабилниот и најголемиот трговски партнер на земјава. Така беше и во 2013-та, кога од 11-те милијарди долари вкупен обем на стоковна размена, над 2,2 милијарди отпаднаа на Германија. Бројките за првите 11 месеци од 2014-та година се уште повисоки. Имено, во периодот од јануари до ноември, обемот на размената помеѓу Македонија и Германија изнесува над 2,6 милијарди долари, од кои на извозот му отпаѓаат над 1,8 милијарди. Според статистиката, дури 41,3% од вкупниот извоз на Македонија, оди за Германија.

Германија, заедно со Велика Британија, Грција, Србија, Италија, се најголемите пет трговски партнери на Македонија, со тоа што над половина од вкупната размена отпаѓа на овие пет земји.

Македонија се држи до традиционалните пазари, и многу ретко доаѓа до поголеми промени меѓу нашите најголеми трговски партнери. Најголем дел од производите што ги извезуваме завршуваат во ЕУ, а помал дел во земјите од Западен Балкан.