Македонија

Во првите девет месеци помалку жртви во сообраќајки од лани

Во првите девет месеци помалку жртви во сообраќајки од лани

Бројот на прекршоците и сообраќајните незгоди со потешки последици во првите девет месеци од оваа година во споредба со истиот период лани е намален, изјави денеска министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска која во Автокоманда присуствуваше на почетокот на Авто Рели Гази Баба 2014, пренесува МИА.

– Во 2014 сме евидентирале 2.952 сообраќајни несреќи со потешки последици, во кои 104 лица го загубиле животот, а вкупно биле повредени 4.775 наспроти 3.140 сообраќајни несреќи со потешки последици во 2013 година за девет месеци, во кои 139 лица го загубиле животот, а 4.969 биле повредени. Ние како МВР продолжуваме да ги поддржуваме сите вакви манифестации кои промовираат почитување на правилата и прописите во сообраќајот или поголема безбедност во сообраќајот, рече Јанкулоска.

Авто Рели Гази Баба 2014 го организираат АКК „Примо“ и општина Гази Баба и организира по трет пат. Денеска на плоштадот во Автокоманда беа изложени и стари автомобили.

Првиот дел од релито е за вешто возење и се одржа на паркингот кај воената кула во Автокоманда, а вториот возење по градските улици од плоштадот во Автокоманда до плоштад Македонија и назад.

Министерката Јанкулоска истакна дека ваквите манифестации колку што ја афирмираат љубовта кон автомобилите и кон брзината, истовремено секогаш ја пренесуваат и пораката дека вештините секогаш треба да бидат, пред се, во полза на безбедноста.

– Уверена сум дека со ваквиот вид на настани може да се даде уште еден значаен придонес во институционалните општествени напори за сведување на минимум на ризиците во сообраќајот, рече Јанкулоска.

Градоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски истакна дека иако се работи за авто рели главниот акцент е безбедно и прецизно во зење и почитување на сообраќајните правила и прописи.

– Возачите не се натпреваруваат кој прв ќе стигне на целта туку се натпреваруваат во почитување на времето за да стигне до одредена цел и почитивање на правилата и прописите. Би сакал да упатам апел до сите граѓани заеднички да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи, изјави Трајковски.