Во првото полугодие 5.176 советувања на родители на ученици

родители

Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска на прес-конференција рече дека причина за најголем број од советувањата во првото полугодие, односно 3.380, била намалениот успех кај учениците. По бројност следуваат советувањата поради нередовност на настава (1.425) и 312 советувања биле поради несоодветно однесување на училиште.

Поради сплет на повеќе причини и комплексни состојби имало 59 упатувања на родителот и ученикот во центрите за социјална работа каде се применуваат посериозни форми со овие, најчесто, дисфункционални семејства.

Се работи за број на советувања, а не за број на родители и ученици, што значи дека во многу случаи има повторувања – еден ист родител, односно ученик, неколку пати е повикуван на средби и разговори со училишниот педагог и психолог, рече Ристовски.

Во изминатиот шестгодишен период биле реализирани  вкупно 75.000 советувања, од кои поголем дел, односно 41.500, биле на родители на ученици во средно образование. Најчеста причина за советувањата била намален успех во учењето, за што биле спроведени околу 45.500 советувања.

Според Ристовски, се работи за системска мерка со исклучително значење за чии ефекти голем придонес има и ангажираноста на родителите. Од советувањата кај средношколците највидливи се резултатите во зголемување на нивната редовност на настава, а кај основците најмногу резултати имало во подобрување на нивните оценки.

Ристовски посочи и дека за успешно спроведување на мерката, на располагање се стручните тимови во училиштата чии капацитети МОН ќе ги комплетира со вработувања на дополнителни 200 психолози, педагози и дефектолози. Досега, рече тој, вработени се 105 психолози, 13 педагози и 84 дефектолози.