Во Романија усвоена спорната правосуда реформа

Долниот дом на романскиот парламент, во кој доминираат социјалдемократите, на бурната седница во средата вечерта усвои два многу контроверзни закони коишто според мислењето на опозицијата може да ја стеснат независноста на судството и да ја ослабат борбата против корупцијата.

Неколку седмици илјадници Романци протестираа секоја недела во Романија и бараа од парламентот да се откаже од тие планови, коишто ги критикуваа и Европската унија и САД. Сепак, тие се усвоени со 177 гласови „за“ и 70 „против“.

„Вашата цел е да го подредите правосудството“, му порача на мнозинството опозицискиот пратеник од десниот центар Стелеан Јон, а неговиот колега Ликијан Станчиу Визитез предупреди на почеток на диктатурата на партијата – држава.

Двата закона, коишто треба уште да ги потврди Сенатот, ги намалуваат правата на антикорупциското обвинителство DNA, кое повеќе нема да може да ги истражува судиите.

„Сакаме независно правосудство“, изјави пратеникот и поренешен социјалдемократски министер за правда Флорин Јордаче, кој минатата зима се обиде да го ублажи кривичниот закон и поттикна невидени протести во Романија од соборувањето на комунистичкиот диктатор Николае Чаушеску.

Пратениците, исто така, го усвоија законот кој ги ублажува, па дури и елиминира санкциите за пратениците и јавните функционери кои ќе се најдат во судир на интереси.

Во понеделникот Групата држави против корупцијата (Greco), тело на Советот на Европа, објави дека покренува итни процени за новите законодавства во Романија и Полска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.