Во Русија се палат книги издадени со пари од Сорос

Во Русија се палат книги издадени со пари од Сорос
Во Русија се палат книги издадени со пари од Сорос

Руските власти во северниот град Воркута изгореле над 50 книги и од библиотеките во локалните универзитети одзеле над 500 тома други наслови со образложение дека не се „соодветни на руската идеологија“, пренесоа американските медиуми.

Книгите, од кои повеќето се учебници, биле издадени со пари од фондацијата на Џорџ Сорос, која во ноември минатата година беше прогласена за „непосакуван странски агент“ и беше принудена да ги прекине своите активности во Русија.

Во воркутинскиот политехнички колеџ се одземени 14 примероци од шест книги, а околу 400 примероци се одземени од библиотеките на Ухтинскиот државен технички универзитет, што се наоѓа во Република Коми.

Според библиотеката на колеџот, една од книгите што била со наслов „Мироглед“, била „лесно религиозна“ и не била барана од студентите.

„Од каталогот се вадат кориците на книгите, се прави протокол, книгите се изнесуваат во кутии во дворот зад колеџот и се палат. Повеќе пати ја изведувавме оваа процедура, кога ги чистиме застарените фондови од книги. Истата технологија се применува во сите библиотеки“ соопшти бибилиотеката, цитирана од руските медиуми.

Во вчерашното писмо на министерот за образование на руската Република Коми, каде се наоѓа Воркута, се наведува дека книгите се уништени по наредба на полномошникот на рускиот претседател во северозападниот федерален округ, Владимир Булавин.