Во сабота на Матка: Бесплатни автобуси, планинарски чај и традиционално гравче

Уште само неколку денови до првото издание на Големата Едукативно – хуманитарно планинарска акција Матка 2018! Оваа сабота, 5 мај сите патишта водат до скопската и македонска убавица Матка! Во организација на планинарските клубови на Федерацијата на Планинарски спортови на Република Македонија, а со поддршка на Град Скопје, во сабота, Матка ќе биде местото за сите вистински љубители на природата, планинините, спортот, рекреацијата и конечно на најубавиот кањон во Европа.

Сите вие кои сакате да пешачите по убавините на Матка можете да се одлучите за една од двете планинарско – рекреативни тури:

  • Група 1: Село Шишево – Манастир Св. Никола – Кајакарски мост – Планинарски дом Матка
  • Група 2: Манастир Св. Богородица – Црква св. Спас – Планианрски дом Матка

и на двете тури ќе ве придружуваат искусни планинари и членови на ПД Кораб – Скопје, ПСД Макпетрол – Скопје, ПК Шкупи – Скопје, ПД Козјак Куманово и ПК Шари од Гостивар кој на учесниците  ќе им ги доловат двете исклучително атрактивни планинарски патеки, основите на планинарењето, ќе слушнете кои се предизвиците на планина, што мора да се знае пред да се планинари, ќе се споделуваат исксутва, ќе дознаете повеќе за флората и фауната, како и за тоа како може да се опстане во планина подолго време и во различни временски услови.. Двете тури почнуваат во 08.00 часот на местото на тргнување на секоја една од турите, но за учесниците Градот Скопје и ЈСП Скопје обезбедија и бесплатен превоз до стартот на планинарските тури. Бесплатните автобуси тргнуваат од 07.00  до 07.25 од Транспортен центар, со попатно застанување на станиците: Пазарче Буњаковец, ТЦ Лептокарија и Бензиска станица Макпетрол Ѓорче Петров. Сите бесплатни автобуси ќе бидат означени ЗА ПЛАНИНАРИ МАТКА 2018. Атобусите се враќаат во 17.00 часот, а ќе ве чекаат на големиот паркинг на Матка.

 

Оние пак кои нема да планинарат ќе можат да дојдат на целодневна забава пред Планинарскиот дом Матка. Ве повикуваме сите, особено најмладите да бидат дел од овој голем хепенинг. Пред Планинарскиот дом Матка ќе има поставено Штандови на Планинарски клубови и Федерација на планинарски спортови, на кои ќе бидат делени и продавани мапи, компаси, книги за планинарење, планинарска опрема, проспекти за безбедност во планина, алатки… Средствата од продажбата ќе оди исклучиво во хуманитарни цели. За секој посетител е обезбедено бесплатно планинарско чајче и вода, а ќе се дели и ручек за планинари и посетители – традиционално планинарско гравче. Ќе бидат поставени и кутии за донации, а членовите на ФПСМ и на клубовите, кои ќе земат учество, ќе донираат, храна, пари, обувки, облека, ќебиња исто така во хуманитарни цели.

За нашите најмали и најмили планинарчиња ќе бидат тука и децата од Златно славејче, ќе може да дознаат како се врзува јазол, како да се заштитиме од дожд или снег во природата, како најлесно да ја исушиме облеката, како да поставиме шатор во природа… за најуспешните дечиња од работилниците ќе следуваат и подароци од искусните планинари. За малку повозрасните ќе има и ДЏ – сетови, стенд ап шоу и мнооогу изненадувања. Ве чекаме на првото издание на Едукативно – хуманитарно планинарската акцијаМатка 2018! Во сабота 05 Мај од 10.00 часот пред Планинарскиот дом Матка!