Свет

Во самоубиствени напади во Ирак загинаа десет полицајци

Во самоубиствени напади во Ирак загинаа десет полицајци

Десет полицајци загинаа денеска во три речиси истовремени напади со автомобили-бомби врз владиниот комплекс во Рамади, главниот град на западната ирачка провинција Анбар, во која владините сили водат жестоки борби со Исламска држава, пренесe МИА повикувајќи се на американските медиуми.

Според полициски извор, денешниот напад е дел од новата кампања на Исламска држава за заземање на реоните во Рамади, кои се уште се под контрола на ирачката Влада.

Најмалку седум припадници на органите на редот настрадаа во координираниот напад, посочи тој.

Асал ал Фадави, член на општинскиот совет во Анбар, изјави дека се уште се водат борби околу комплексот во Рамади, во кој се сместени повеќето од институциите на локалната власт.

Рамади беше клучното утврдување на бунтовниците за време на војната во Ирак, што беше предводена од САД. Сега градот е главно под контрола на ирачките владини сили, иако Исламска држава контролира некои делови од него, главно на перифериите, забележуваат американските медиуми.