Во седум одвоени случаи откриени 43 илегални мигранти

Министерството за внатрешни работи во текот на изминатите неколку дена реализираше седум одвоени случаи на криумчарење мигранти. До надлежното Основното јавно обвинителство поднесени се кривични пријави против деветмина македонски државјани од кои за осум од страна на Судија на претходна постапка е одредена мерка притвор – за шест лица во траење од по осум дена, за едно лице во траење од 30 дена и за едно лице одредена е мерка предпазливост.

Во рамки на реализацијата на овие случаи откриени се 43 илегални мигранти од кои 40 од Сирија, еден од Авганистан и двајца од Пакистан на возраст од 45 до една година коишто се сместени во Прифатниот центар за странци во Скопје.

Во првиот случај кривично е пријавен А.А.(17) од Сопиште, скопско, кој што е спречен во обид со ТМВ марка “Мерцедес“ со скопски регистарски таблички да прокриумчари 18 сириски државјани меѓу кои седум деца на возраст од седум години до тринаесет месеци. На патниот правец Гевгелија-Скопје кај тунелите кај Демир Капија забележано е товарно моторно возило, чиишто возач, пријавениот А.А откако ги забележал полицајците го запрел камионот и се дал во бегство во правец кон внатрешноста на тунелот. Тој е фатен во тунелот, а во возилото се откриени 18 сириски илегални мигранти. Од страна на Судија на претходна постапка на А.А. му е изречена мерка притвор во траење од 30 дена.

Во вториот случај при вршење патролна служба во реонот на местото викано Клучка Детоил на автопатот за  граничен премин Табановце било  запрено  патничко моторно возило марка „Опел Вектра“ со кумановски регистарски таблички управувано од пријавениот М.С.(26) од Куманово во кое биле откриени тројца илегални сириски мигранти,  кој што требало за сума од 75 евра да ги пренесе до кумановско Лојане. Судија на претходна постапка на М.С. му одреди мерка притвор во траење од осум дена.

Во третиот случај во близина на с.Смоквица, на автопатот Е 75 од Гевгелија кон Скопје, сопрено е патничко моторно возило марка „VW Golf“ со скопски регистарски таблички сопственост и управувано од пријавениот Е.З. (35) од Арачиново, скопско, во кое се откриени двајца илегални мигранти – еден од Авганистан и еден од Пакистан. И за пријавениот Е.З. од страна на Судија на претходна постапка одредена е мерка притвор во траење од осум дена.

Во четвртиот случај кривично пријавен е Ш.С.(41) од Скопје, кому од страна на Судија на претходна постапка исто така му е одредена мерка притвор во траење од осум дена. Имено на локалниот пат Гевгелија – казино Принцес – с. Богородица, пријавениот во патничко моторно возило марка „BMW 530 D“ со скопски регистарски таблички прифатил три лица, сириски мигранти со илегален влез и престој во Република Македонија од кои едниот го сместил во просторот за багаж со намера да ги превезе до с. Лојане – Куманово. Но на автопатот Е-75 Гевгелија – Скопје  поточно кај клучка Гевгелија при обид да биде сопрен од полициска патрола истиот нагло запира со возилото и почнал да се движи во “рикверц“ при што  со задниот дел од возилото удира во полициско службено моторно возило предизвикуваjќи сообраќајна незгода. Пријавениот по сообраќајката се дал во бегство но веднаш е спречен и лишен од слобода.

Во петиот случај за време на претрес во стара куќа во село Кнежје сопственот на А.Т. од Свети Николе откриени се тројца илегални мигранти од Сирија. Тие од страна на А.Т. биле донесени во куќата барајќи претходно од него место каде што можат да се сместат и одморат. Потоа побарале од него за 30 евра да ги пренесе до Куманово но А.Т. не се сложил. По целосно расчистување и документирање на случајот против А.Т. ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Во шестиот случај кривично пријавени се три лица, Д.Р.(42), Б.С.(32) и А.Б.(25) сите од Скопје за што од страна на судија за претходна постапка на пријавените лица им е изречена мерка притвор во траење од осум дена. Пријавените по претходен договор и со намера да прифатат и превезуваат илегални мигранти се упатиле од Скопје кон Гевгелија при што првопријавениот со патничко моторно возило “Голф” со скопски регистарски ознаки прифатил и превезувал осум илегални мигранти од Сирија и Пакистан, додека второ и трето пријавениот  во улога на претходница требало да го известуваат и предупредуваат првопријавениот во случај на полициски патроли со намера илегалните мигранти да ги превезат до Куманово.

Во последниот случај кривично пријавен е И.Х.(50) од Куманово за што од страна на судија за претходна постапка на пријавеното лице му е изречена мерка на предпазливост. Имено на патниот правец Гевгелија-Скопје кај наплатната рампа Отовица од страна на полициски службеници запрено е патничко моторно возило “Сеат Алхандра” управувано од пријавениот при што во возилото се пронајдени шест илегални мигранти од Сирија кои пријавениот имал намера да ги превезе до Куманово.