Во септември ќе се прославува прогласувањето на Мајка Тереза за светица

На 4-ти септември 2016 година во Рим ќе се одржи церемонија на прогласувањето на Мајка Тереза за светица на Католичката црква во целиот свет. По тој повод Скопската бискупија ќе приреди татковинска прослава „Денови на блажена Мајка Тереза“, која ќе започне во Скопје веднаш по нејзината канонизација во Рим, јавува МИА.

За Програмата на прославата посветена на Мајка Тереза и нејзиното прогласување за светица, денеска на прес-конференција ќе информираат Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх монсињор Киро Стојанов и Валентина Божиновска и директорка на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи.

Сведоци сме на големи настани во историјата на човештвото и во историјата на нашата црква. Тоа што еден народ, крај или град може да го доживее како најголема радост е славата на припадникот на тој народ, на таа земја или град. Сите нас не израдува веста дека блажена Мајка Тереза, која е родена во Скопје и била наша сограѓанка до своите 18 години, на 4 септември 2016 со чест ќе биде издигната на олтарот, како светица на Католичката црква во целиот свет, се посочува во пораката на бискупот Стојанов за прославата.

Според најавата од Скопската бискупија, прославата ќе се одвива во текот на целата седмица од 5 до 11 септември, а ќе заврши со Ефхаристичко славење кое ќе се случи на местото на нејзината родна куќа при што ќе биде прогласено светилиштето на света Мајка Тереза.