Во Штип доделени клучевите за новите социјални станови

Во Штип денеска беа доделени клучевите од становите на лицата на кои им беа распределени социјални станови по пат на јавна електронска распределба. Клучевите на новите станари им ги врачи Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески во присуство на градоначалникот на Штип, Илчо Захариев и претседателот на Советот, Влатко Миташев.

„Владата на Република Македонија останува на патеките за изградба на социјални станови ширум земјава. Станови се градат во Пехчево, Прилеп, Куманово, Струмица и други градови. Денес 91 семејство ги добија клучевите од становите. Знам дека долго го чекаа овој момент, но знаете дека мора да се почитува Законот. Во Битола се уште не се доделени клучевите затоа што постои спор за уште еден стан, но Законот мора да се почитува. Еве дојде и тој ден, денес сите вие да добиете кров над глава, и со ова решавате многу важен егзистенцијален проблем. Нека ви е честито и да се радувате со вашите најблиски“, изјави Министерот Јанакиески.

Градоначалникот на Штип, Захариев им посака среќа на новите станари.

„Сега останува грижата за становите. Ова е ваш нов дом, очекувам да се грижите за објектот, да го чувате, да го средите дворот и да внимавате на хигиената. Од мене ја имате сета поддршка“.

Заради жалбената постапка, процедурата на доделување на клучевите беше одложена, се до завршување на постапките пред Управниот суд.