Македонија

Во Шуто Оризари конечно ќе се реши проблемот со водоснабдување

Во Шуто Оризари конечно ќе се реши проблемот со водоснабдување
Во Шуто Оризари конечно ќе се реши проблемот со водоснабдување

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, претседателот на Владата, Никола Груевски, заменик-претседателот на Владата и министер за финансии, Зоран Ставрески, градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Елвис Бајрам, пратеникот во Собранието на Република Македонија, Амди Бајрам и претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, денеска присуствуваа на почетокот на градежните работи за изградба на новиот систем за водоснабдување во општината Шуто Оризари.

– Со години снабдувањето со вода претставуваше горлив проблем за повеќе од 30.000 жители на оваа општина. Со изградбата на овој нов систем  за водоснабдување  треба да се  решат децениските проблеми со водоснабдувањето во населбите Шуто Оризари и дел од Скопје Север. Новопланираниот водоснабдителен систем ќе опфати изградба на резервоар од 4.350 кубни метри во близина на постојните резервоари на ЈП „Водовод и канализација“ на улицата Гвадалахара; пумпна станица кај поранешната фабрика на АД „ТИПО“ на булеварот Словенија и цевковод со должина од 2,3 километри и профил од 500 милиметри кој ќе води од пумпната станица, па по улиците Шуто Оризари, Виничка, Че Гевара, Плаковица и Бутелски венец. Пумпната станица ќе се поврзе на градската доводна линија Ф 1.600 од изворот Рашче. Изградбата на водоводот во општината Шуто Оризари претставува заеднички проект на Градот Скопје, ЈП „Водовод и канализација” и Општина Шуто Оризари, кажа градоначалникот Трајановски.

vodovod-Suto-Orizari2

Претседателот на Владата Груевски изјави дека ова е уште еден од големиот број  инфраструктурни проекти кои се реализираат на територијата на општина Шуто Оризари, се со цел подобрување на квалитетот на живот на жителите на оваа општина.

– Минатата година во функција беше пуштено повеќенаменското спортско игралиште во Шуто Оризари, додека во тек е доизградбата на основните училишта „Браќа Рамиз – Хамид” и „26 Јули“ со што ќе се зголеми капацитетот и ќе се надминат проблемите со наставата, а во завршна фаза е и изградбата на новото средно училиште. Во рок од еден месец треба да започне и изградбата на новата спортска сала, а денеска започнуваме и со изградба на новиот систем за водоснабдување. Ние и во иднина ќе продолжиме да работиме во насока на подобрување на животот на граѓаните, кажа Груевски.

Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 182.367.800 денари со вклучен ДДВ.  Во финансирањето на овој проект Градот Скопје ќе учествува со 43,7 отсто од средствата, односно со 79,7 милиони денари; ЈП „Водовод и канализација“, исто така, со 43,7 отсто,  односно 79,7 милиони денари, а Општина Шуто Оризари ќе учествува со 12,6 отсто, односно со 22,9 милиони денари од потребните финансиски средства.

Градот Скопје финансиските средства ќе ги обезбеди по пат на долгорочен домашен под-заем во рамките на средствата обезбедени со Проектот за подобрување на општинските услуги финансиран со заем од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка, додека ЈП „Водовод и канализација“ финансиските средства ќе ги обезбеди од сопствени извори.

На изградба на новиот водоснабдителен систем во Шуто Оризари ќе работат екипите на градежната компанија „Хидрострој ЈСЦ“ од Бугарија, а градежните работи се очекува да завршат наесен, 2016 година.

vodovod-Suto-Orizari