Во силен земјотрес во Индонезија најмалку тројца мртви

Во земјотресот со магнитуда 6,5 степени кој во петокот ноќта ја погоди Јава, главниот индонезиски остров, загинале најмалку три лица, а зградите се треселе и во главниот град Џакарта.

Епицентарот на потресот е регистриран на длабочина од 91 километар и на помалку од километар од крајбрежниот град Чипатујаха, објави Американскиот геолошки институт (USGS).

Потресот кој се случил непосредно пред полноќ по локално време, се почувствувал и на соседниот голем остров Сулавеси, како и до главниот град Џакарта, 300 километри од епицентарот, како и во други градови на Јава. Прогласена е тревога од цунами, но не е забележан пораст на нивото на морето.

Портпаролот на Агенцијата за управување со природни катастрофи, Сутопо Пурво Нугрохо, пак, објави за смртни случаи на две лица, на 62 и 80-годишна возраст при уривање на нивните куќи во Пекалонган, на западниот дел од Јава, како и за седум повредени. Медиумите јавуваат за вкупно три загинати лица, како и дека се оштетени стотина куќи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.