Во Сирија ранет Косовецот што сечеше глави

Kосовските медиуми на големо ја пренесуваат веста дека познатиот косовски џихадист, кој ставаше фотографии на кои се гледа како сече глава на младо момче, Лавдрим Мухаџери, е ранет во борбите во Сирија, пишува Дневник.

Медиумите цитираат статус на пријател на Мухаџери на социјалните мрежи.

– На Лавдрим Мухаџери здравјето му е добро и тој е дома, а не во болница. Да заздрави од раната и операцијата и да се врати на фронт заедно со другите лавови – напишал пријателот на Мухаџери, Салеел Ал Саварим.

Во истиот статус пријателот на Мухаџери го осудува апсењето на оџата Зекирија Ќазими, кој пред неколку дена беше ставен зад решетки поради сомнеж дека регрутирал Kосовци во војната во Сирија.

Со последниот загинат официјалниот број на Албанци од регионов кои ги загубија животите борејќи се во редовите на џихадистичките групи во Сирија и во Ирак се искачи на 36, од кои седуммина се од Македонија.