Во Скопје се знае кој е фаворит

Женскиот ракометен шампион на Македонија, ЖРК Вардар СЦБТ во недела во 18 часот го игра последниот натпревар во главната фаза во Група 1 во Лигата на шампионите.

Вардарки во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ ќе го пречекаат шведскиот шампион Савехоф, екипа која е последна во групата и без шанси за полуфиналето. За разлика од нив македонскиот првак е пред големо искушение. Натпревар што мора да се добие и со тоа да се избори пласман во полуфиналето.

“Знаеме дека со победа ќе ја постигнеме целта. Очекувам добар натпревар и воедно добар резултат. Исто така, се надевам на полна сала и на влез на завршниот турнир“, рече Кастратовиќ.

Левото крило на „црвено-црните“ Французинката Сираба Дембеле игра во добра форма, а најави и максимална борба во дуелот со Швеѓанките.

“Ова за нас ќе биде последен натпревар на домашен терен. Убаво ќе биде со победа пред полна сала да заминеме на завршниот турнир. Ова е битен момент за кој работиме целата година”, изјави Дембеле.

Дека црвено – црните заслужуваат настап на фајнл форот истакна и претседателката на клубот, Гордана Нацева.

“Ние сме на само 60 минути од пласман меѓу најдобрите четири во ЛШ, што беше и наша зацртана цел од пред почетокот на сезоната. Со тоа екипата практично покажа дека заслужува место на фајнл фор, затоа што имаме само еден пораз што ретко која екипа го има остварено. Не потценуваме никого, иако Савехоф знае да биде незгоден противник, но во Скопје се знае кој е фаворит, особено поради значењето на натпреварот“, изјави Нацева.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.