Во Скопје вчера 9 сообраќајки, 8 повредени

Во текот на вчерашниот ден на подрачјето на СВР Скопје се случиле девет сообраќајни незгоди, од кои четири се со последица материјална штета и четири се со последица телесна повреда, во кои со полесни повреди се здобиле седум лица.

Се случила и една незгода со последица тешка телесна повреда во која со тешки телесни повреди се здобил еден мотоциклист.

Како што информира за МИА самостојниот инспектор Драган Вељаноски од СВР – Скопје, во текот на изминатиот ден по спроведените контроли над учесниците во сообраќајот од страна на сообраќајната полиција, откриени и санкционирани се поголем број на прекршоци.

Дваесет и двајца возачи не ги почитувале ограничувањата на брзината на движење, четворица возачи го управувале возилото под дејство на алкохол и истите се исклучени од сообраќај и седум возачи не го користеле сигурносниот појас или го користеле мобилниот телефон за време на управувале на возилото.

Затекнати се и 11 пешаци кои поминале вон обележан пешачки премин или, пак, поминале на црвено светло на семафор.

Со помош на специјалното возило во текот на изминатиот ден отстранети се 75 возила.

Во делот на превентивните активности денеска ќе се одржат едукативни работилници со учениците од второ и четврто одделение од ОУ „Крум Тошев“, општина Гази Баба.

Во недела со почеток во 19 часот на Националната арена „Филип Втори“ ќе се одржи концетот на ди-џејот Дејвид Гета. Со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот од страна на сообраќајната полиција ќе бидат преземени соодветни мерки за сообраќајно обезбедување, а во зависност од моменталните состојби и пренасочување на сообраќајот.

Вељаноски апелира до возачите кои имаат намера да дојдат на музичкиот концерт да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, знаците и наредбите што ќе им бидат давани од страна на униформираните полициски службеници, а доколку дојдат со сопствени возила истите да ги паркираат на околните дозволени паркинг простори.