Во Словенија 15 уапсени во меѓународна акција против криумчари на оружје

Во Словенија во четвртокот се притворени 15 лица осомничени за илегално тргување со оружје во меѓународни размери, по полициската акција во којашто учествувале 100 полицајци и 6-ина криминалисти од повеќе полициски станици од земјата.

Како што пренесе од неофицијални извори комерцијалната телевизиска станица POP-TV, полицијата извела повеќе претреси на домови кај осомничените за тргување со оружје, а станува збор за една од најголемите истраги од овој вид во Словенија воопшто.

Осомничените кои се притворени ќе бидат обвинети за незаконско производство и промет со оружје или експлозиви.

Истрагите и претресите се водени на подрачјата на полициските управи на Љубљана, Цеље, Крањ, Копер и Ново Место, во опсежната меѓународна криминалистичка истрага за кривични дела од организираниот криминал, потврди словенечкиот Национално истражно биро (NPU) кој се занимава со ваквиот вид криминалитет.

Како што се наведува во прилогот на каналот POP-TV, откриен е и осомничен жител на Љубљана кој оружјето го продавал во Шпанија, а кривичните активности на групата се одвивале во Словенија и во други земји.