Во Собранието усвоена Националната стратегија за култура за 2018/22

Пратениците македонското Собрание во четвртокот попладнето на продолжението на 40-та седница ја усвоија Националната стратегија за култура за периодот од 2018 до 2022 година.

Пратениците од владејачкото мнозинство во расправата оценија дека станува збор за стратешки документ, кој претставува визија и рамка за демократски, плурален, секуларен и рамномерен развој на културата.

„Со стратегијата се утврдуваат среднорочни цели и приоритети за развој на културата, како и организациски, финансиски и административни мерки за нивно остварување“, рече пратеничката од СДСМ, Ирена Стефковска.

Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, не ја поддржаа стратегијата, бидејќи е носена во нивно отсуство во Собранието и, како што оценија, е неразвојна, не одговара на состојбите во културата и нема конкретни проекти и суштински работи за развој на областа. Во текстот на стратегијата, според нив, неаргументирано се напаѓаат политиките на претходната власт.

„Во документот не можеме да видиме јасна визија и не можеме да ја разбереме основната мисија што ќе ја спроведува Министерството за култура“, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Магдалена Манаскова.

Во репликата министерот за култура Роберт Алаѓозовски рече дека претходната власт имала обврска да ја донесе стратегијата. Образложи дека за наводно да се исполнат законските обврски се пристапило кон нејзино што поскоро носење во насока на натамошен културен развој.

Според Алаѓозовски, примени се сите забелешки од дебатите што беа организирани во изминатиот период, а по јавната расправа во Собранието работна група утврдила и прифатила девет амандмани.

„Стратегијата за култура е еден поопшт документ и таа одредени ситуации ги анализира подетални рамки, а одредени поопшто. Ако речеме дека музичко-сценските активности сме го опфатиле и танцот, дека размислуваме и за носење нов закон за театар и тоа е доволно да стои затоа што подоцна онака како што ќе се одвива акцискиот план, работата во работните групи и повторно јавната расправа, значи дека ќе можеме да ја вклучиме јавноста понатаму“, рече Алаѓозовски.

Во текстот на стратегијата е наведено и дека се предвидени реформи на Министерството за култура и ревитализација на институциите на културата поради независно и ефикасно работење, измени во законската рамка, развивање интерсекторска соработка, воведување современи модели на финансирање во културата.