Во Србија регистрирани 17 случаи на заболени од вирусот на западнонилска треска

Бројот на заболени лица од вирусот на западнонилска треска во Србија е зголемен на 17 случаи, од кои два имале смртни последици, изјави денеска директорот на српскиот Институт за јавно здравје, Драган Илиќ.

– Ситуацијата е слична на онаа од 2014 година, кога имавме ист број на заболени, истакна Илиќ.

Тој нагласи дека симптомите се слични на грипот и се многу опасни за повозрасните луѓе и оние со слаб имунитет.

Што се однесува до вирусот зика, Илиќ истакна дека меѓу српските спортисти кои учествуваа на Олимпијадата во Рио не е регистриран ниту еден случај, но побара од нив да извршат испитувања во Институтот, со цел да се провери дали постои некаква инфекција. Досега 17 спортисти извршиле тестирања и нема ниту еден позитивен случај.

Во врска со мигрантската криза, тој додаде дека нема сериозни проблеми, но досега се регистрирани 10 случаи на маларија меѓу мигрантите.

– Засега е се под контрола, правиме се за да не се појави некоја сериозна епидемија, изјави директорот на српскиот Институт за јавно здравје.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.