Во Србија влегле над 600.000 имигранти од почетокот на годинава

Српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ изјави во Сараево на министерскиот форум „ЕУ-Западен Балкан“, дека во Србија од почетокот на годината влегле над 600.000 имигранти од 107 земји. При тоа, државата вложува максимални напори да ги регистрира, да земе биометриски податоци и да им обезбеди ефикасен пристап до системот за добивање азил, наведе Стефановиќ, објави денеска белградскиот весник „Данас“.

Стефановиќ рече дека оваа година во споредба со претходната се откриени околу 20 пати повеќе илегални имигранти.

– На ден во земјата пристигнуваат околу 4.000 бегалци, што е два-три пати помалку во споредба со претходниот период, рече тој.

– Две третини од сите имигранти, кои оваа година преминале преку земјата се мажи, а неполнолетни се околу 150.000. Најмногу бегалци се од Сирија и Авганистан, но речиси никој од нив не побарал азил во Србија, рече Стефановиќ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.