Во струшкото село Таш Маруништа ќе се одбележи Илинденското востание

Во струшкото село Таш Маруништа традиционално по 63. пат утре ќе се одржи Илинденска прослава. Директорот на музејот „Д-р Никола Незлобински“ во Струга, Сашо Цветкоски и историчарот Петар Аврамоски пренесуваат факти за постоењето на комитски организации до појавата на првите организирани ќелии на ВМРО на овие простори.

Во 1894 година, според Цветкоски, во Таш Маруништа е формиран еден од комитетите на Внатрешно Македонската револуционална организација со што целиот овој отпор добива една поосмислена и поорганизирана форма.

– Во 1903 година струшкиот регион, за разлика од другите региони во западна Македонија е најорганизиран и најподготвен со неколку свои добро организирани чети во координација со Охридскиот револуционерен округ и се разбира со централното раководство, кое било во Крушево и Демирхисарскиот регион, овде ќе се развиваат жестоки борби дента 3, 4 и 5 август , истакна Цветкоски.

Бројноста на комитите и револуционерите, раскажува тој, била мала за разлика од турскиот аскер кој после почетните успеси на 3 и 4, веќе на 5 август се развиваат големи борби во пределите на струшка Малесија и струшки Дримкол особено во селото Таш Маруништа каде ќе била една од клучните борби во таа илинденска епопеја.

– Востаниците потоа се повлекуваат во пределите кон Малесија, кон Дебарца и натака во една нова организација борбена, и отпорот и борбите ги продолжуваат северно од Струга и Струшко, вели Цветкоски.

извор МИА