Во студентските домови места за 5.956 студенти

Во претстојната 2014/2015 учебна година во студентските домови во земјава ќе можат да се сместат 5.956 студенти, се предвидува во објавениот конкурс за сместување студенти во државните студентски домови од страна на Министерството за образование и наука, пишува Дневник.

Студентите што се пријавуваат на конкурсот треба да пополнат електронска пријава поставена на интернет-порталот . Студентите може да конкурираат за прием само за еден студентски дом. На оние лица што електронски се пријавиле повеќе пати за валидна ќе им се смета последната пријава, пред доставувањето на потребните документи.

Рокот за електронското пријавување на студентите од втора година и повисоките години почнува од 16.7.2014 година и трае до 10.8.2014 година. Рокот за електронското пријавување на студентите од прва година почнува од 19.8.2014 година и трае до 24.8.2014 година. Од Министерството за образование информираат дека доколку по објавувањето на конечните списоци со примени студенти по домови останат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, електронското пријавување ќе продолжи с` до нивно пополнување, но најдоцна до 22.9.2014 година.

Распределбата се врши на тој начин што 40 проценти од вкупниот број на расположливите места во домовите се за студенти за кои вкупните приходи во семејството се до минималната нето-плата, 25 отсто од вкупниот број на расположливите места во домовите се за студенти што постигнале особено висок успех во учењето, 20 отсто се обезбедуваат за студенти што првпат ќе бидат запишани на прв циклус на јавните и на приватните универзитети и на високообразовните установи во Република Македонија.

извор: Дневник