Во студентските домови уште 155 слободни места

Конкурсот за прием и сместување на студенти во државните студентски домови и другите објекти за сместување за академската 2014-2015 година предвидува 5.956 слободни места.

Распределбата на леглата, како што информираше заменик министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, се врши според Законот за студентски стандарди кој беше донесен минатата година.

-Со овој закон предност се дава на студентите кои што потекнуваат од социјално загорзени семејства. Тоа е првата категорија на студенти, чива опфатеност е до 40% од вкупниот број на легла во домовите. Втората категорија се студенти кои постигнале особно висок успех во текот на досегашното учење и нивната опфатеност е 25%, додека третата категорија се студенти кои што не се опфатени во претходните две категории, за кои се предвидени до 35% од вкупниот број на легла во домовите. 20% од леглата се обезбедуваат за студентите-бруцоши, истакна Ристовски.

Оваа година значително е олеснет процесот на аплицирање, односно се намали бројот на потребни документи за аплицирање кои студентите треба да ги достават до Министерството за образование и наука. За таа цел започна да функционира системот на службено обезбедување на документација од Агенцијата за вработување, Управата за водење на матични книги и Министерството за внатрешни работи. Со оваа новина документацијата ја обезбедува МОН по службена должност.

-Заклучно со 22 септември, вкупно 5.364 студенти, кои доставиле електронска апликација на интернет порталот www.smestuvanje.mon.gov.mk, поднесоа и документација до Министерството за образование и наука и истите беа разгледани. Комисијата утврди дека 12.3% од апликациите се со неточни податоци, со што беа отфрелни како некомплетни, подвлече тој.

Сепак, како што додаде, оваа година е забележано драстично подобрување на успешноста на пријавувањето. За разлика од минатата година кога бројот на неуспешни апликации бил дури 43% од вкупно поднесените апликации.

-Како министерство, исклучително сме задоволни од распртеделбата на студентските легла, затоа што и овој пат истата се спроведе максимално транспарентно и правично, онака како што налагаат определбите во новиот Закон за студентски стандард, подвлече Ристовски.

До сега, по конкурс се примени 5.801 студенти, а остануваат уште 155 слободни места.