Во судири лани загинале 28 отсто повеќе лица отколку во 2013

Бројот на загинати во најбруталните судири во светот минатата година се зголеми за повеќе од 28 отсто во споредба со 2013 година, при што, втора година по ред, најпогубни биле судирите во Сирија, покажуваат резултатите од денеска објавената студија.

Глобалниот истражувачки институт, под името Проект за студија на 21. век (ПС21), ги анализираше податоците од извори, кои ја вклучуваат американската војска, ОН, Сирискиот центар за мониторинг на човековите права и Проектот за пребројување на жртви во Ирак, кои покажуваат дека лани во Сирија загинале над 76.000 луѓе, додека во 2013 година бројот на убиени во оваа земја изнесувал 73.447.

Во повеќето најжестоки судири учествувале радикални исламистички групи.

Околу 21.000 лица се убиени во Ирак во борбите меѓу владините сили и Исламската држава (ИД), додека во Авганистан загинале 14.638 луѓе, а во Нигерија 11.529, се наведува во анализата.

Конфликтот во источниот дел на Украина, според бројот на жртвите, се наоѓа на осмо место по податоците за 2014 година.

Директорот на Институтот ПС21, Питер Епс предупредува дека е исклучително тешко да се процени бројот на жртвите во судирите ширум светот, а нивниот број е веројатно и поголем.