Во Шведска допатува шефот на севернокорејската дипломатија поради можната средба меѓу Трамп и Ким

Севернокорејскиот министер за надворешни работи Ри Јонг Хо пристигна во четвртокот во Шведска на дводневните разговори за организација на историскиот самит меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.

Ри би требало да разговара со шведската колешка Маргот Валстром, чијашто земја ги застапува американските интереси во Пјонгјанг, за денуклеаризацијата на Корејскиот полуостров, можниот самит на претседателите Трамп и Ким, како и за Американците кои се во севернокорејските затвори.

Светските агенции нагаѓаат дека е можно Шведска да биде изборот за домаќин на споменатиот самит. Но шведското министерство за надворешни работи не ја спомена таа можност, и во соопштението само наведува дека ќе се водат разговори за шведската улога во конзуларната заштита во Пјонгјанг, САД, Канада и Австралија.

Ри и Валстром, исто така, ќе разговараат за безбедносната ситуација на Корејскиот полуостров, најважната тема во програмата на Советот за безбедност при Обединетите нации, чија непостојана членка е и Шведска, во периодот 2017/2018 година, прецизира министерството.

Во придружба на шефот ан дипломатијата е и Чое Канг Ил, кој во севернокорејското министерство за надворешни работи е задолжен за Северна Америка, забележува јужнокорејската службена новинска агенција Yonhap.

Шведското министерство истакнува дека нема да има средби со новинарите во текот на посетата, но во петок навечер по разговорите ќе биде објавено соопштение.

По месеците тензии и закани со војна поради нуклеарната и ракетна програма на Северна Кореја, кон крајот на мај би можело да се одржи самите меѓу челниците Доналд Трамп и Ким Џонг-ун, објави минатата седмица висок јужнокорејски функционер во Вашингтон каде што допатува со делегацијата која ден претходно престојуваше во Пјонгјанг на средба со Ким. Трамп ја потврди можноста за средба, но од Пјонгјанг сѐ уште не реагираа.