Во тек е нов оглас за прием на кандидати во Центарот за обука на пилоти

Во тек е новиот оглас за прием на кандидати за осмата генерација на кандидати за пилоти во Центарот за обука на пилоти и истиот трае до јануари 2017 година.

Според Владата истиот претставува одлична можност за младите лица кои сакаат да се едуцираат и обучуваат за пилоти да аплицираат на истиот, да добијат одлична обука и стручна едукација и по завршување на периодот на обуката да бидат вработени во АРМ односно МВР.

-Центарот за обука на пилоти претставува еден од стратешките проекти на Владата во рамките на одбраната и безбедноста за кој беа инвестирани над 40 милиони евра. Тој поседува високо софистицирана опрема. Наставата која се изведува во него е високо квалитетна и во еден добар дел е превземена од Оксфорд универзитетот, а ја изведуваат домашни и странски експерти од оваа област. Веќе Центарот е препознаен и од странски држави кои што поради неговиот квалитет испраќаат свој кадар за едукација во него. Затоа апелираме до сите млади луѓе од Република Македонија кои имаат до 28 години возраст, имаат завршено високо образование и ги исполнуваат останатите услови од огласот, да аплицираат на истиот затоа што огласот е во тек и на тој начин да се стекнат со можноста да имаат нови знаења, нов квалитет, нови вештини кои ќе резултираат понатаму во нивниот кариерен развиток со загарантирано вработување во Армијата или во полицијата, истакна владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

centar-za-obuka-piloti

Од 2012 година кога беше и првиот конкурс за прием на кандидати до сега обуката ја завршија 11 пилоти од кои 6 за потребите на АРМ и 5 за потребите на МВР, а во тек е обука на уште 8 кандидати од кои 4 за потребите на АРМ и 4 за потребите на МВР.

Обуката на кандидатите во Центарот за обука на пилоти трае 19 месеци во кои под будното око на инструкторите, кандидатите треба да извршат околу 170 часа летање на авионите ЗЛИН-242Л и хеликоптерите Бел-206 а покрај летањето,  за време на обуката кандидатите за пилоти посетуваат и теоретска настава од областа на воздухопловството и воените вештини.

Изведувачи на летачката обука се искусни инструктори од Израел и од Република Македонија, а програмата според која се врши обуката во Центарот за обука претставува сублимат на искуствата од военото воздухопловство на Израел и потребите на военото летање во Република Македонија. Настава во Центарот се изведува на англиски јазик.

Како дел од Центарот за обука на пилоти е Оделот за симулатори. Во овој одел се сместени два симулатори (еден за хеликоптеите од типот Ми-17 и еден за хеликоптерите Ми-24). Со можностите кои ги пружаат, симулаторите во Центарот за обука на пилоти можат да се вбројат во самиот светски врв на производи од овој тип.

Покрај пилотите од Република Македонија, како двајца пилоти од Црна Гора кои се едуцираа во центарот, обука на симулаторите во Центарот за обука на пилоти досега извршија и 9 пилоти од Хрватска, 18 пилоти од БиХ и 14 од други земји.

centar-za-piloti

Право на учество на огласот имаат сите лица кои:

–  се државјани на Република Македонија;

– имаат завршено прв циклус на студии, односно стекнати најмалку 180 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен;

– не се постари од 28  години на денот на објавување на Конкурсот;

– се психофизички способни (што се утврдува од страна на воено-лекарска комисија).

Истовремено во текот на постапката кандидатите покрај тестирање на нивната физичка подготвеност се тестираат и за познавање на англиски јазик.

Сите заинтересирани лица подетални информации за огласот можат да добијат на веб страната на Министерството за одбрана www.morm@gov.mk како и во Воената Академија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.