Во тек Конкурсот за стипендирање на студенти кои ќе се запишат на 100-те најдобри универзитети

Во тек е Конкурсот за доделување стипендии за студетните кои во академската 2016/2017 година ќе се запишат на студии на еден од најдобрите 100 универзитети во светот.

Досега до Министерството за образование и наука пристигнати се 15-тина апликации доставени од студенти кои се запишале на Универзитетот Кембриџ, Стокхолмскиот универзитет, Универзитетот во Оксфорд, во Манчестер, Утрехт универзитетот и други. Најмногу се застапени апликациите од информатичко – комуникациските технологии, финансиите, правото, архитектурата и менаџментот.

Конкурсот трае до 1 септември, а денеска заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски ги повика сите заинтересирани студенти кои ги исполнуваат условите, да аплицираат за добивање на стипендија.

– Апелирам до сите заинтересирани кои планираат да се запишат на некој од топ 100 светски универзитети и ќе успеат во тоа, да го разгледаат конкурсот кој може да се најде на stipendii.mon.gov.mk , да ги соберат потребните документи, да аплицираат и да ја искористат оваа можност која токму нашата земја ја нуди како единствена меѓу сите останати во регионот, а која досега ја искористиле 170-тина македонски граѓани што е потврда дека нашите студенти конкурираат и успешно се запишуваат на најдобирте светски универзитети, истакна Ристовски на прес-конференција.

Износот на стипендијата која ќе ја добие студентот зависи од земјата и универзитетот каде тој се запишал и со неа се покрива трошокот за уписнината најмногу до 40 илјади американски долари на годишно ниво, месечниот паричен надомест и трошоците за превоз.

По завршувањето на студиите, кандидатите имаат обврска да се вратат во Македонија и да работат во јавниот или во приватниот сектор најмалку двојно поголем период од оној додека студирале.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.