Во тек поднесување барања за земјоделски субвенции

Во тек е поднесувањето барања за директни плаќања за мерките по површина земјоделско земјиште и мерките по грло добиток, како и за произведено и продадено овчо, козјо и кравјо млеко во периодот од 1 октомври до 31 декември 2014 година, соопшти Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Барањата за мерките по површина земјоделско земјиште и мерките по грло добиток се поднесуваат до 31 мај 2015,  барањата за произведено и продадено овчо, козјо и кравјо млеко во период од 1 октомври до 31 декември 2014 година се поднесуваат до 30 април, на пропишан образец во електронска форма во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство каде што е извршена регистрација на земјоделското стопанство. Поднесените барања веднаш влегуваат во процесот на пропишаните контроли.

Право на користење средства од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2015 година имаат земјоделски стопанства запишани во Eдинствениот регистар кој се води во Министерството за земјоделство.

За детални информации апликантите може да ги контактираат вработените во подрачните единици на Министерството за земјоделство и во Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, како и контакт центарот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој на телефонот (02) 3097-460, на електронската адреса  ipardpa.info@ipardpa.gov.mk и на веб-страницата www.ipardpa.gov.mk.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.