Во тек се реконструкциите на средните училишта на Град Скопје

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, денеска го посети средното училиште на Град Скопје „Цветан Димов“ каде што е во тек реконструкцијата на санитарните јазли во училиштето.

Rekonstrukcija Cvetan Dimov 2016 (4)

Градот Скопје како и изминатите години, во текот на летниот распуст врши реконструкција на средните училишта за да ги подобри условите за работа. Ова лето градежни работи според планираната динамика веќе се одвиваат во 16 средни училишта, а Град Скопје за реализација на овој проект од буџетот издвои 22.326.063 денари. Во СУГС „Цветан Димов“ се реконструираат санитарните јазли и се санираат дефекти на фекалната канализација. Комплетно ќе се реновираат фекалната канализација и санатарните јазли на приземјето и на првиот кат на училиштето. За овој зафат Градот Скопје од буџетот  издвои  околу милион денари. Паралелно со санитарните јазли во училиштето се врши и доопремување на кабинетите коишто ќе ги користат учениците од  медицинската струка. Во изминатите години во ова средно училиште беше заменета столаријата и покривот на објектот.  Градот Скопје од 2009 година до 2015 година за реконструкција и санација на средните училишта од Буџетот има издвоено околу 227 милиони денари, и со тоа значително ги подобривме функционалноста и изгледот на училишните објекти, истакна градоначалникот Трајановски.

Rekonstrukcija Cvetan Dimov 2016 (1)

Директорот на СУГС „Цветан Димов“, Бесник Ајет, се заблагодари за поддршката што ја добиваат од Градот Скопје и нагласи дека со овие градежни зафати ќе се подобрат условите за работа во училиштето.

Rekonstrukcija Cvetan Dimov 2016 (5)

Според планот за работа во текот на летниот распуст во  СУГС „Георги Димитров“ се реконструира фасада на училиштето, СУГС „Никола Карев“ се реконструира фискултурната сала; во СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“  се реконструира  подот во фискултурната сала; во СУГС „Јосип Броз-Тито“ се заменува внатрешната столарија; во СУГС „Орце Николов“ се работи на реконструкција на санитарните јазли; во СУГС„ Васил Антевски Дрен“ се работи на реконструкција на прозорците; во СУГС „Марија Склодовска Кири“ се врши реконструкција на подот во училниците; во  СУГС „Димитар Влахов“ се врши реконструкција на спортски терен; во СУГС „Браќа Миладиновци“ се работи на реконструкција на дворната површина во училиштето; во СУГС „Боро Петрушевски“ се заменува стариот покрив со ребраст лим на помошен објект- работилница; во СУГС „Зеф Љуш Марку“ се врши санација на покривот; а во СУГС „Арсени Јовков“, СУГС „8 Септември“,  СУГС „Здравко Цветковски“ и во СУГС „Лазар Танев“ се реконструираат подовите во училиштата.

Повеќе за реконструкцијата на училиштата на територијата на град Скопје, на следниот линк.