Во Тетово отворен вториот инфо клуб за млади

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов присуствуваше на промоцијата на вториот Инфо клуб за млади отворен на Државниот Универзитет во Тетово.

Имено, Министерството за труд и социјална политика во соработка со УНДП го отворија вториот Инфо клуб  чија што цел е студентите поблиску да се запознаат и точно и навремено да се информираат за активните мерки за вработување и самовработување што ги спроведува Владата на Република Македонија.

Министерот Спасов потенцираше дека логичен редослед по кој треба да се движат работите е образование, информација, кариера и дека колку повеќе сме информирани, и колку повеќе се интересираме, толку полесно ќе го трасираме патот кон својот професионален развој.

“Токму и тоа е поентата на овие Инфо Клубови. Првиот го отворивме во Скопје, на Економскиот факултет на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, а покрај овој лоциран овде во Државниот универзитет во Тетово, во план се отворање на уште 2 – во Битола и во Штип, со цел да ги опфатиме и младите од овие градови и тие да можат да добијат релевантни информации. Инфо клубовите имаат една иста цел и мисија – олеснување на патот до релевантна и брза информација, добиена „од прва рака“ во вистинско време и на едно место! Нашите очекувања се токму во тој правец: да ги мотивираме младите да се обратат на лицата што работат во клубот, да постават прашање, да дознаат информација плус и да се активираат”, изјави министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на промоцијата на Инфо клубот во Тетово.