Во Тиквешијата да не се пие водата од регионалниот водовод без превривање

Жителите од Тиквешијата да не ја пијат водата без претходно превривање, апелираат од Центарот за јавно здравје во Кавадарци.

Поради дождовите дошло до заматување на водата за пиење во Тиквешкo.

Од Центарот за јавно здравје во Кавадарци препорачуваат задолжително превривање на водата пред употреба.

Доктор Трајче Ризов, појаснува дека како последица на врнежите од дожд, водата добила жолтеникава боја.

„Во моментов регионалниот водовод „Лукар” се снабдува со вода само од изворите, реката е исклучена. Затоа е и намалениот протокот  на вода. Дозирањето со хлор е покачено на максимум. Доколку нема дополнителни врнежи, очекуваме водата брзо да се избистри“, информира  Ризов.

Тој нагласи дека задолжителното превривање на водата за пиење се однесува за жителите од општините Кавадарци, Неготино и Росоман, кои се снабдуваат со вода од регионалниот водовод.