Во „Третиот куршум“ вистината за атентатот врз Ѓинѓиќ

Во книгата „Третиот куршум“, која е напишана од новинарот Никола Врзиќ, телохранителот на Ѓинѓиќ, Милан Веруовиќ, кој и самиот бил ранет во атентатот врз премиерот, опишува низ што се поминал кога тој и останатите сведоци кои биле на местото на несреќата тврделе дека се пукало од две страни и дека со истрагата сакало нешто да се сокрие.

„Чедо Јованоќ веднаш ми се јави и ме праша дали сум нормален бидејќи ја рушам официјалната верзија за атентатот и сакам да го ослободам убиецот на Ѓинѓиќ“, вели Веруовиќ во емисијата „Гол живот“.

„Не се ни случајно државна тајна исказите кои сите ги дадовме пред комисијата, бидејќи со тоа се докажува дека она што е соопштено во медиумите неколку часа по атентатот не е вистина, а што потоа е утврдено и во истрагата и пред судот. Но, останува прашањето: Ако сите веднаш знаеа кој е убиецот на Ѓинѓиќ, зошто порано не го спречија? Очигледно сеуште не е време да се дознае целата вистина. Тогашните наследници на Ѓинѓиќ објавија дека тој е убиен во мафијашка пресметка, а не во политички атентат. Покрај вакви „пријатели“ на Ѓинѓиќ не му беа потребни непријатели. Затоа и се крие политичката заднина, завера, против претседателот на српската Влада“, вели тој.

Веруовиќ во емисијата за прв пат зборува за тоа дека е пораснат со Милорад Улемек Легија и дека Ѓиниќ пред кобниот 5 октомври го пратил на средба со него за да ги дознае неговите планови.

„Се видовме во кафулето Фирма и ми рече дека Слободан Милошевиќ останува неговиот врховен командант и дека тоа меѓу нив е нераскинливо братство во крв“, продолжува тој.

„Ми се закани дека сите нас ќе не истреби од улица и да му порачам на мојот шеф Зоран Ѓинѓиќ да се чува. Меѓутоа, кога случувањата тргнаа по друг правец, отидов заедно со Ѓинѓиќ на состанок со Легијата на улицата Адмирал Гепрат, на точното место каде премиерот подоцна беше убиен. Ни Легијата, ни Земунците не беа никакви јунаци на 5 октомври, туку само бараа да и се приклучат на новата власт. Премиерот не ни знаеше кој е Душан Спасојевиќ, но некои од неговата околина знаеа и тие ги направија договорите со мафијата за себе, а не за државата. Кога по обидот за атентат на Багзи на автопатот кај халата Лимес отидов во полиција, за малку и мене ќе ме уапсеа бидејќи веќе беа решени да го пуштат Багзи. На денот на атентатот беше договорено Зоран тој ден да не оди на работа, но околу 11 и 30 часот ми се јави, сепак да одам да го земам, бидејќи треба да ја прими на состанок шведската министерка Ана Линд. Во автомобилот секогаш разговаравме, но тогаш за прв пат не изустевме ниеден збор. Седеше позади и читаше весник. Го погодија кога му ја додавав штаката додека ја затворав вратата од автомобилот. А, потоа и јас сум погоден. Додека лежев на земјата видов и трет куршум како помина низ ѕидот на зградата на Владата. Тоа го видовме сите присутни, сите деветмина, без оглед на тоа што е спротивно напишано во официјалната истрага“, додава Веруовиќ.