Во Турција на годишнината од неуспешниот пуч отпуштени илјадници полицајци, службеници и професори

Во Турција во петокот, по повод годишнината од неуспешниот обид за воен преврат од минатата година, отпуштила повеќе од 7.000 полицајци, јавни службеници и професори, пренесуваат агенциите.

Најновиот указ е донесен во рамките на пресметката со припадниците на движењето на исламистичкиот проповедник, имамот Фетула Ѓулен кој живее во доброволен егзил во САД. Турските власти ова движење го ставија надвор од законот и покрај за неуспешниот пуч, го обвинуваат и за создавањето паралелна власт во прв ред во правосудните, безбедносните и образовните структури, со цел да ја преземат власта, што Ѓулен го отфрла.

Во изминатата година отпуштени од работа или суспендирани се повеќе од 150.00 службеници, а притворени се околу 50.000 лица вработени во војската, полицијата, на универзитетите и другите државни служби.

Во најновиот бран отпуштени се 2.303 полицајци, вклучително и високопозиционирани полициски офицери, како и 302 професора од универзитетите ширум земјата. Со указот без чинови останаа 342 воени офицери.

Повеќе од 240 цивили се убиен и над две илјади се рането ноќта од 15 кон 16 јули 2016 година, кога фракција од турската армија се обиде да ја собори владата во Анкара и сегашниот претседател Реџеп Тајип Ердоган, додека не е познат бројот на жртвите во војската и меѓу пучистите.
Турција во саботата и неделата ќе го одбележи овој настан во земјата и во амбасадите ширум светот.