Во турски воздушни напади убиени речиси 900 припадници на ИД

Во воздушните и ракетните напади на турската армија од јануари убиени се речиси 900 припадници на Исламска држава, јави турската новинска агенција Анадолија, повикувајќи се на воени извори.

Турција, која е членка на меѓународната коалиција предводена од САД за борба против ИД, од 9. јануари убила 492 терористи во воздушните напади, додека во ракетните напади елиминирала уште 370 џихадисти.

Анкара и се придружи на меѓународната коалиција во нападите врз ИД во Сирија по нападот на бомбаш-самоубиец во јули минатата година во пограничниот град Сурудж, при што загинаа 34 луѓе.

Во последно време во Турција имаше повеќе терористички напади за кои одговорни се џихадистите, меѓу кои и двата напада на бомбаши-самоубици во Истанбул.