Во Унгарија најдена гробница на Сулејман Величествениот?

Историчарите се уверени дека во јужна Унгарија нашле остатоци од гробницата на турскиот султан Сулејман Величествениот, кој починал во 1566-тата година во битката кај Сигет.

Историчарот Норберт Пап изјави дека гробницата над која е подигнато турбе најверојатно се наоѓала на ридот каде за време на опсадата на унгарската тврдина бил поставен шаторот на Сулејман.

Сите пронајдени предмети за време на ископувањето, како и другите историски докази упатуваат на истото, вели Пап, додавајќи дека е потребно да се продолжи со истражување, пренесува АП.

Турбето било срушено во 1693-тата година по наредба на еден австриски војник за на тоа место да биде изградена католичка црква. Откритието од остатокот од надгробниот споменик било обелоденето минатата година.

Историчарите веруваат дека во гробницата се закопани срцето и внатрешните органи на Сулејман, а дека неговото тело било однесено во Истанбул.