Во Велес поднесени 800 барања за земјоделски субвенции

Во Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Велес досега 800 земјоделци од поширокиот велешки регион поднеле апликации за добивање субвенции за 2015 година.
 
Како што информира за МИА, Антонио Трајковски раководител на ПЕ на МЗШВ, најголем дел од апликациите се за субвенции за житарици, како и за субвенции во лозарството, градинарството, сточарството и другите земјоделски гранки кои се субвенционираат.
 
– Воедно млекопроизводителите  од Велешко до нашите служби  веќе ги доставија потребните документи за добивање субвенции за кравјо млеко за октомври,ноември и декември 2014 година, а која изнесува 3,5 денари за литар предадено млако.  Наскоро апликации  ќе треба да поднесат и млекопроизводителите на овчо млеко, чија сезона е сега во тек, информира Трајковски.
 
Рокот за доставување на апликации за субвенции до ПЕ на МЗШВ во Велес, како и во сите единици во земјава е до 31 мај.
 
– Време за аплицирање се уште има, но апелирам до земјоделците во Велешко да не ги чекаат последните денови од рокот и навреме да аплицираат, а со цел да се избегнат непотребните гужви и чекања, потенцира Трајковски.
 
Трајковски информира дека  очекува годинава  за субвенции во земјоделството да аплицираат околу 3 илјади земјоделци од велешкиот поширок регион, во кој се вклучени и општините Градско и Чашка.