Во Велес свечено отворени 53. „Рацинови средби“

53. „Рацинови средби“ посветени на поетот и револуционер Кочо Рацин, кој ја напиша безвременската „Бели мугри“ беа отворени синоќа во Велес.

На платото пред Спомен костурницата во Велес, манифестацијата ја отвори министерката за култура Елизабета Канческа- Милевска, која говореше за големината и значењето на Рацин и за „Рациновите средби“ како една од најзначајните културни манифестации во земјава.

– Рацин имаше верба дека утре ќе се отвори нова надеж за Македонија на картата на Европа и на светот. Оваа манифестација веќе пет децении го прославува творештвото на Рацин. Но, таа е особено значајна и за актуелните млади македонски автори кои денеска го градат достоинството на македонската култура и ја афирмираат македонската книжевност во меѓународен контекст. Со поезијата на Рацин, македонската литература ја доби неопходно потребната поврзувачка нишка меѓу традицијата и современоста. Создавајќи во дослух со современиците, Рацин ги постави темелите на современиот развој на македонската поезија, осмислувајќи еден континуитет произлезен од народната песна чиј јазик токму во неговиот творечки зафат ги покажа неисцрпните можности на уметноста на пишаниот збор, потецира Канческа Милевска.

Рацинови средби 2

На свеченоста беа доделени и нововостановените награди од минатата година. Младата поетеса Даница Ивановска Лепојевиќ ја доби наградата „Антологија на болката“ за нејзината стихозбирка „Сјај, страв и песни“, а на Горан Лазевски во отсуство му беше доделена наградата на твитер „Напиши љубов во 140 карактери“. Лазевски, како што беше посочено, паричниот дел од наградата го даде за Друштвото на родители на деца заболени од церебрална парализа од Велес.

Свеченоста беше збогатена со перформансот „Тука сум“ на Олга Панго, со огномет над градот и со поетско читање од страна на десетина современи македонски поети од повозрасната и помладата генерација.

Програмата на средбите продолжува денеска со промоција на книги и изложба и положување цвеќе на споменикот на Рацин. Свеченото затворање е вечерва во салата на Новиот театар во Велес, кога ќе бидат доделени и традиционалните награди „Рациново признание“ на Сашо Димоски и на Владимир Јанковски, како и „Почесното Рациново признание“ на проф д-р Борислав Павловски.