Во велешко се санираат штетите од поплавите

Во велешкиот регион се санираат штетите од поплавите и се превземаат превентивни мерки.

Раковидителот на Регионалниот центар за управување со кризи Љубенчо Јанушев информирал дека водата од реката Вардар кај Велес се повлекува и засега сите мостови се безбедни, пренесува МИА.

– Екипи на општина Велес, Кризниот штаб и Центарот за управување со кризи се во постојана обиколка на терен и ја следат состојбата со водата во реката, со цел навреме да интервенираат ако има потреба, изјавил Јанушев.

Во Општина Градско водата од Вардар се повлекува и патот од Градско кон село Уланци е исчистен и прооден. Но поради надојдените води на реката Брегалница, која во близина се влева во Вардар заради превентива се поставени вреќи со песок.

На мостот кај село Ногаевци закачено е големо дрво и екипи на Општина Градско со механизација прават напори за негово отстранување, информира Јанушев.

Во населбата Градско вработените од Јавното комунално претпријатие и од Основното училиште, работат на чистење на уличните канали од насобраната вода за да се спречи поплавувањето на околните објекти во населбата.

Во Општина Чашка кај село Стари Град, реката Бабуна вчера се излеа пред и по мостот и поплави дел од земјоделското земиште. Непрооден е патот од Чашка кон селото Долно Врановци и екипи работат на негово расчиствување и ставање во функција.

– Се работи и на расчистување на насипот на реката Бабуна кај селата Мартолци и Оморани. Во селото Извор се работи на расчистување на насобрани гранки на мостот, истакнал Јанушев.