Во велешкото село Сливник не започна учебната година

За деведесет ученици од велешкото село Сливник денеска не започна новата учебна година. Дваесет првачиња нема да седнат на школските клупи бидејќи нивните родители ја бојкотираат наставата, поради немање соодветни и нормални услови за настава. Родителите не го прифатиле ниту предлогот на директорката, наставата да се одвива во три смени и во комбинирани паралелки и бараат нови училници и нормални услови за одржување на наставата, објави порталот Дума.

– Не ги пуштаме децата на училиште и не сакаме нашите деца да учат во комбинирани паралелки. Утре ќе имаме средба со градоначалникот Славчо Чадиев, а бараме одгоор за проблемот и од Министерството за образование – рече Џафер Јонуз, претседател на Советот на родители.

Училиштето има реален проблем со просторот и родителите на овие деца се во право, тврди градоначалникот Чадиев. Министерството за образование ги известило дека доградбата на училиштето ќе биде ставена во буџетот за наредната година.

Бојкот на наставата беше најавен и минатата година, но по реакциите на родителите надлежните ги реновираа тоалетите, но не и училиштето. Годинава родителите ќе одат до крај или ново училиште или нема настава.