Во Венецуела шест лица уапсени по обидот за атентат врз Мадуро, кој бил подготвуван половина година

Шест лица се уапсени под обвинение за планирање на нападот врз венецуелскиот претседател Николас Мадуро кој изјави дека во саботата е направен обид за атентат врз него, изјави во неделата министерот за внатрешни работи.

„Засега имаме шест уапсени терористи и платеници, како и неколку запленети возила. Претресите се извршени во хотели во престолнината, каде што се пронајдени инкриминирачки докази“, изјави венецуелскиот министер за внатрешни работи Нестор Реверол зборувајќи за апсењата за коишто информацијата е објавена уште во саботата ноќта, но без поединости за бројот на осомничените и околностите.

„Сите извршители и планери (на атентатот) во земјата и во странство се идентификувани, а не се исклучени и други апсења во следните часови“, додаде Реверол.

Во нападот се користени две беспилотни летала, секој наполнет со по еден килограм од силниот воен експлозив Ц4 што можело да предизвика штета, како што изјави министерот, во радиус од 50 метри.

„Едното летало прелета над претседателската говорница каде што требало да биде активиран експлозивот (…), но уредот за попречување го скршнал леталото, па полнењеето екслодирала над предвидениот круг“, додаде министерот.

Контролата над другиот дрон била изгубена и тој експлодирал удирајќи во зграда недалеку од местото на кој се одржуваше воената парада, соопштија венецуелски функционери. Претходно беше објавено дека неколку дронови биле насочени кон подиумот на авенијата Боливар, каде што Мадуро ја следеше парадата. Сите три беспилотни летала експлодирале. Според министерството за комуникации и информации седум гардисти биле повредени.

По еден од уапсените била издадена потерница за „терористички напад“ врз воената база во Валенсија, западно од главниот град Каракас, на 6-ти август 2017 година во кој учествуваа „дваесетина платеници“, додаде Реверол.

Истовремено, министерот за комуникации и информации, Хорхе Родригез, изјави дека атентатот врз претседателот Николас Мадури бил подготвуван и планиран во текот на изминатите шест месеци.

„Брзата реакција на службата за обезбедување на претседателот Мадуро овозможи не само негово евакуација, туку и брзо да се идентификуваат неколку од извршителите на самото место на злосторството… Во овој момент тие ги кажуваат деталите од оваа операција, којашто била подготвувана најмалку шест месеци“.

Мадуро ги обвини венецуелската опозиција и десничарските струи во соседна Колумбија дека стојат за нападот врз него. Колумбиските власти, како и САД кои ја поддржуваат опозицијата во Венецуела, го отфрлија обвинувањето од левичарскиот челник.