Во Венецуела слаб одѕив на протестите против Мадуро во пресрет на изборите

Повикот на венецуелската опозиција наиде на неочекувано слаб одѕив во саботата, во пресрет на спорните избори за ткн Уставотворно собрание што е предлог на претседателот Николас Мадуро, а противниците го обвинуваат дека сака да ги прошири своите овластувања и да го продолжи својот мандат.

Иако властите ги забранија протестите, опозицијата остана на своите повици и во саботата рано попладнето по локално време ги повика приврзаниците на блокади на главните патни правци во земјата во недела, кога се избира Уставотворното собрание коешто треба да предложи нов Устав на Венецуела.

Овие избори противниците на претседателот Николас Мадуро ги оценуваат за нелегални и тврдат дека изборите за Уставотворното собрание е всушност институционализирање на неговата диктатура.

Венецуелската опозиција протестира од април против левичарскиот претседател Мадуро кого го обвинува за уништување на економијата на земјата и за уривање на демократијата.

Повеќе од сто луѓе загинаа во масовните протести изминатите четири месеци. Стотици се повредени ,а неколку илјади се уапсени. Повеќе од 4.800 лица се уапсени во текот на изминатиот период, а во притвор сѐ уште се уште 1.300 луѓе.

Опозицијата нема да учествува на изборите во недела, бидејќи смета оти станува збор за измама со којашто би му се овозможило на Мадуро, чијшто мандат би требало да заврши во 2019 година, да се одржи на власт и да го заобиколи парламентот во кој мнозинство има опозицијата, како и претседателските избори кон крајот на 2018 година.