Во војната во Газа загинале 538 деца

Специјалниот известувач за човекови права на палестинските територии, Макарим Вибосоно го повика вчера Израел да го истражи убиството на повеќе од 1.500 палестински цивили, од кои една третина се деца за време на војната во Појасот Газа минатото лето. Тој побара од Израел да ги објави резултатите од истрагата.

Вибосоно, кој е поранешен амбасадор на Индонезија, го објави првиот извештај на Советот за човекови права на ОН, откако стана специјален известувач за човековите права на палестинските територии.

Американскиот државен секретар Џон Кери го обвини во понеделникот тоа тело дека е опседнато со обвиненијата против Израел и дека неговата земја ќе го брани Израел против настојувањата да се изолира.

За време на 50 дневната војна се убиени 2.256 Палестинци, од кои 1.563 цивили и 538 деца. На израелската страна загинаа 66 војници и петмина цивили, изјави Вибосоно.

Израел покрена воена офанзива за да го спречи ракетирањето од Појасот Газа, со кој владее исламистичкиот Хамас.