Во вториот уписен рок во средните училишта има 20. 089 слободни места

Во вториот уписен рок во јавните средни училишта има 20 089 слободни места

Осмоодделенците кои не успеаја да се запишат во двете пријавувања во првиот уписен рок во Јавните средни училишта во Република Македонија, можат тоа да го сторат на 21 август, односно во вториот уписен рок, истакна министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми на денешната прес конференција.

„Слободни места за вториот уписен рок има за вкупно 20.089 ученици од кои, 13.347 слободни места за настава на македонски наставен јазик, 5.969 за настава на албански наставен јазик, 739 слободни места за настава на турски наставен јазик и 34 слободни места на српски наставен јазик,“ истакна министерот Адеми.

Согласно струката, во гимназиите има 5. 127 слободни места, а во стручното образование за осмоодделнците се достапни 14 818 слободни места. Во уметничко образование за 107 слободни места од кои 69 за ученици на македонски наставен јазик и 38 за ученици на албански наставен јазик. За настава на македонски јазик во спортската гимназија има 37 слободни места.

„Би сакал да апелирам до сите осмоодделенци да изберат некоја од струките во стручното образование, бидејќи се поголем број компании бараат добро оспособен и едуциран стручен кадар, кој може да одговори на предизвикот на брзиот развој на технологијата,“ потенцираше министерот Адеми.