Балкан

Во затвор скроиле план со кој „лапнале“ милион ипол евра

Во затвор скроиле план со кој „лапнале“ милион ипол евра

Сопственикот на компанијата „Крисма“, Небојша Бошковиќ (51) и Милош Чујовиќ (31) во 2012. година договориле измама, со помош на која успеале од туѓи сметки да „симнат“ околу милион ипол евра, соопшти црногорската полиција додавајќи дека во ова им помогнала и триесет и едногодишната Наташа Головиќ, пишува српски Курир.

Тие се сомничат дека сториле кривични дела – криминално здружување и банкарска измама.

Според неофицијалните информации на „Вијести“, Бошковиќ и Чујовиќ деталите на планот ги зацртале во затворска ќелија, каде што биле цимери. Тројката успеала да ги потроши речиси сите украдени пари, а со акцијата на полицијата и обвинителството спасени се нешто помалку од 300 илјади евра.

-Осомничените од сметки на лица од Швајцарија и Лихтенштајн успеале да трансферираат пари во вкупен износ од 1.446.171 евра, соопштила портпаролката на полицијата, Тамара Поповиќ.

Таа рекла дека истрагата упатува дека на територијата на Црна Гора, Србија, Хрватска, Македонија и Албанија е формирано криминално здружение, на чие чело бил Бошковиќ.

Постои сомнение дека еден дел од парите, по пат на е-банкинг е трансфериран во корист на сметка на други правни и физички лица кои се отворени во Кина, а дека другиот дел од парите е подигнат во готово на териториите на соседните земји и дека тој дел од парите потоа бил транспортиран во Црна Гора.

Обвинителката Сања Јовичевиќ рекла дека ќе бара притвор за Бошковиќ и Головиќ.